Почина академик Георги Старделов

Архивска фотографија - Георги Старделов

На 90-годишна возраст вчера почина академик Георги Старделов, поранешен претседател на МАНУ. Погребот ќе се изврши утре на градските гробишта „Бутел" во Скопје. По повод смртта на академик Георги Старделов, Македонската академија на науките и уметностите и Филозофскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје утре ќе одржат заедничка комеморативна седница, во 10 часот, преку видеоконференциска врска.

Старделов дипломирал на Филозофскиот факултет, на Катедрата за филозофија на Универзитетот во Белград (1953). Докторирал во филозофија на Универзитетот во Скопје (1965). Беше професор на Филозофскиот факултет во Скопје (1966-1995) и негов декан (1975-1977), прв декан на интердисциплинарните студии по новинарство (1977-1981), претседател на Филозофското друштво на Македонија и на Југославија, претседател на Друштвото на писателите на Македонија и претседател на македонскиот ПЕН-центар, почесен член на Друштвото на уметници во Шпанската кралска академија и редовен член на Европската академија на науките и уметностите.

Старделов бил и професор-гостин на неколку југословенски, европски и американски универзитети. За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1986, а за нејзин редовен член од 1991 година. Во периодот 2000-2004 бил потпретседател, а 2008-2011 нејзин претседател. Раководител бил и на Лексикографскиот центар во МАНУ од неговото основање во 2000, а е основач и претседател на еден од најпознатите, сеопфатни и значајни хуманистички и интердисциплинарни макропроекти на МАНУ - „Историја и култура на Република Македонија“ (од 1993 година).