Турција и нуди на Грција преговори за спорот во Средоземното Море

Мевлут Чавушогл - министерот за надворешни работи на Турција.

Турција понуди овој месец да продолжат преговорите со Грција за спорот во врска со истражувањето на пронаоѓалиштата на гас во Средоземното Море, како и за други прашања, изјави министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, пренесува Ројтерс.

Анкара и Атина се во спор околу правата за пребарување на нафта и гас во Средоземното Море, како и околу воздушниот простор и статусот на некои острови.

Грција не ги прифати разговорите планирани за минатата година, по што Турција испрати истражувачки брод во спорните води, но оттогаш тој брод премина на турскиот брег.

„Грција моментално нема избор“, рече Чавушоглу.

Тој додаде дека Турција испраќа официјален повик за разговори на првиот состанок кој би се одржал во јануари.

Грчкото Министерство за надворешни работи соопшти дека не добило официјален повик, но дека е подготвено повторно да ги започне преговорите.