Меркел - Бришењето на Твитер налогот на Трамп е проблематично

Германската канцеларка Ангела Меркел.

Германската канцеларка Ангела Меркел има резерви во однос на начинот на кој е суспендиран Твитер налогот на претседателот на САД Доналд Трамп, соопшти нејзиниот портпарол, пренесува Ројтерс.

Штефан Зајберт наведе дека законодавците, а не приватни компании, би требало да одлучат за сите потребни ограничувања за слободно изразување.

Компанијата Твитер на 9 јануари соопшти дека трајно е суспендиран Твитер профилот на претседателот на САД Доналд Трамп поради ризик од понатамошно поттикнување на насилство.

Одговарајќи на прашање за одлуката на Твитер, портпаролот на германската влада изјави дека правото на слободно мислење е од суштинска важност и дека може да се влијае врз тоа основно право, но врз основа на закон, а не врз основа на одлука на управите на социјалните мрежи.

„Со оглед на тоа, канцеларката смета дека е проблематично што претседателските налози се трајно суспендирани“, изјави Зајберт пред новинарите на редовната владина прес-конференција во Берлин.

Тој изјави дека социјалните мрежи носат голема одговорност, за политичката комуникација да не биде отруена од омраза, лаги и поттикнување на насилство.

Компанијата Фејсбук минатата недела објави дека го суспендира профилот на Трамп барем до крајот на неговиот претседателски мандат, на 20 јануари.