Скопје и Софија ќе разменат предлози за Акцискиот план

Прес-конференција на Бујар Османи и Екатерина Захариева на самитот на Берлинскиот процес, архивска фотографија.

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева се договориле претстојните денови да се разменат предлози од двете страни за Акцискиот план.

Од МНР соопштија дека низ текот на редовната комуникација меѓу двете страни има континуирана размена на мислења и на идеи; двете страни често споделуваат свои предлози и видувања во кои ги посочуваат и објаснуваат нивните позиции. Последен од низата е Акцискиот план за спроведување на обврските од Договорот за пријателство од 2017 страна, кој е предлог од македонска страна, a за кој се очекува овие денови да добијат одговори, предлог забелешки и предлози од страна на Бугарија, посочуват од МНР.

„Целта е да најдеме начин да ја зајакнеме имплементацијата и ефикасноста на Договорот за пријателство од 2017 година, со што ќе се врати довербата и во самиот Договор и во процесот на дијалог меѓу двете земји за отстранување на разликите, како што доликува на две пријателски соседни земји во Европа. Улогата на специјалниот претставник Владо Бучковски е редовно да патува за Бугарија со цел следење на Акцискиот план и поттикнување на соработката на сите нивоа. Во оваа насока очекувано е во наредниот период да оствари чести патувања на релација Скопје – Софија, стои во соопштението на МНР.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека „владата на Зоран Заев преговара за македонскиот јазик и идентитет далеку од очите на јавноста. Од граѓаните се кријат условите и барањата кои се поставени пред македонската влада. Заев, Димитров и Османи знаат, но се кријат од јавноста, велат од ВМРО-ДПМНЕ.