Задолжителен седумдневен карантин за сите кои пристигнуваат во Грција

Илустрација: Божиќни свеќички со маски во Грција

Од три на седум дена е зголемен домашниот карантин за сите оние кои од странство пристигнуваат во Грција, согласно новите одлуки на Агенцијата за цивилно воздухопловство, што ќе важат од денеска до 21 јануари.

Паралелно, ќе се спроведуваат и брзи тестови за дел од патниците.
Рапид тест ќе им се прави на сите патници кои пристигнуваат од Велика Британија, за кои се воведени посебни правила.

По истекот на седумдневниот карантин, потребно ќе биде да направат ПЦР тест и доколку е негативен, ќе заврши нивната домашна изолација, а во спротивно карантинот ќе трае 14 дена.

За сите кои од странство пристигнуваат во Грција, задолжителен е негативен ПЦР тест, направен 72 часа пред патувањето.

Во меѓувреме, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис најави дека дневниот капацитет за вакцинација против коронавирусот ќе се зголеми од 5.000 на 8.000 лица.

Според податоците на специјалниот сајт за вакцинацијата во Грција, заклучно со вчера во 17.40 часот, првата доза од вакцината ја примиле 26.006 лица. Вакцинацијата почна на 27 декември.

Во Грција во моментов има над 127 илјади активни случаи на коронавирус, а над 5000 илјади луѓе починаа од вирусот од почетокот на пандемијата.