Иранскиот врховен лидер забрани увоз на вакцини од САД и од Велика Британија

ранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамeнеи

Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамeнеи денеска забрани увоз на американските вакцини Фајзер/БиоНТек и Модерна и на британските Астра Зенека против ковид-19, што е одраз на недовербата кон Западот. Во телевизиското обраќање, тој рече дека увозот на овие вакцини е забранет, наведувајќи го се поголемиот број смртни случаи од коронавирус во двете земји.

„Навистина не им верувам“, рече тој.

„Тие некогаш сакаат да ги тестираат своите вакцини во други земји“, рече ајатолахот и додаде дека не е оптимист ни кога се работи за Франција.
Хамeнеи наведе дека ќе дозволи увоз на вакцини од други „сигурни“ места и повтори дека ги поддржува напорите на Иран за производство на сопствена вакцина, чие тестирање врз луѓе започна во декември, а се очекува дека на пролет ќе биде достапна за употреба.

Иранската револуционерна гарда во декември целосно одби употреба на вакцина од странски производител.

Во меѓувреме, шефот на Централната банка на Иран, Абдолнасер Хемати рече дека Техеран платил околу 244 милиони долари за првичен увоз на 16,8 милиони дози од вакцината преку КОВАКС механизмот на Светската здравствена организација, но во земјата досега не стигнале никакви вакцини.

Иран е најтешко погодена земја од пандемијата на коронавирус на Блискиот Исток со над 1,2 милиони потврдени случаи и 56 илјади починати. Аналитичарите се сомневаат во точноста на овие бројки и сметаат дека може да бидат многу повисоки.