Македонците слободното време најмногу го трошат за гледање телевизија

Граѓани на плоштад. Илустрација.

Последната анкета за користење на слободното време спроведена од Државниот завод за статистика покажува дека најголем дел од времето во денот македонските граѓани го поминуваат во спиење, а слободно време најмногу се троши за гледање на телевизија. Најзафатени се оние меѓу 25 до 44 години, а со најмногу слободно време се возрасните над 65 години. Во домашните активности предводи жената, како што наведува анкетата, без разлика дали е вработена или не.

Анкетата покажува дека на просечно време потрошено на спиење отпаѓаат 36 отсто, односно 8 часа и 44 минути во денот. Во оваа бројка е опфатено спиењето преку ден или ноќе, но, исто така, и лежењето во кревет поради оневозможеност болест, старост, инвалидност.

На слободни активности отпаѓаат 22 отсто, односно 5 часа и 17 минути. Анкетата покажала дека во земјава, како и во повеќето држави, гледањето телевизија одзема околу 40 отсто од слободното време. Од слободните активности потоа следи одморање, користење компјутер, дружење, шетање и пешачење, па следат останатите активности со помал процент. Домашните активности претставуваат 10 отсто од сите други активности во текот на денот или 2 часа и 25 минути.

Анкетата е спроведена на примерок од 2080 домаќинства кои континуирано се анкетирале во текот на мај 2014 до април 2015 година. Таа е прилагодена според препораките на Евростат при што се применети најновите промени во методологијата. Се спроведува на пет години. Според информациите од Државниот завод за статистика требала да се спроведе во 2020 година, но е одложена поради пандемијата, а во 2021 година најверојатно ќе биде одложена поради Пописот на населението.