Берлин, Париз и Лондон го повикаа Техеран да престане со збогатувањето на ураниум

иранска нукеарна постројка, илустрација

Продолжувањето на иранското збогатување ураниум до 20 проценти претставува голема опасност за ширење на нуклеарното оружје и „дополнително го минира“ меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма, објавија владите на Германија, Франција и Велика Британија. Трите земји, кои се потписнички на договорот, сметаат дека „нема веродостојно оправдување“ за новото отстапување на Иран од договорот и се повикува Техеран „веднаш да го прекине процесот на збогатување на ураниум“. Берлин, Париз и Лондон изразија загриженост за „очигледното кршење“ на иранските обврски и посочија дека процесот инициран од иранскиот режим „ризикува да ја загрози виталната можност“ за разговори со идната администрација на американскиот претседател Џо Бајден.

Иран продолжи со збогатувањето ураниум

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во вторникот објави дека Иран започнал процес за производство на збогатен ураниум во подземната нуклеарна централа Фордо и дека тоа претставува ново кршење на нуклеарниот договор од 2015 година. Договорот беше потпишан во јули 2015 година во Виена од Иран и групата 5 плус 1, која се состоеше од пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН (Кина, Франција, Русија, Британија, САД) и Германија како потписник во име на ЕУ.