Препукувања на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за економијата во 2021 година

Патиски логоа на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Година на целосно економско заздравување очекуваат од владејачката СДСМ, додека од опозициксата ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека 2021 ќе биде година на економска пропаст.

Двете најголеми партии днеска повторно преку нивните центри за комуникации изнесоа спротивставени ставови во однос на економијата во следната 2021 година.

За СДСМ, 2021 година ќе биде година на економски раст и развој, во која како што наведуваат, ќе има искористување на сите економски потенцијали.

„Потврда за тоа е Буџетот за 2021 година кој е развоен и скроен да одговори на сите предизвици и последици од коронакризата“, наведуваат од СДСМ.

Од владејачката партија сметаат дека со Буџетот за 2021 година се обезбедува одржливост, рационализација на трошењата и прецизни проекции за ефикасно справување со епидемијата.

Според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, пак, македонската економија е пред целосен колапс, а Македонија е во рецесија.

„Прв пат во историјата на македонската економија имавме двоцифрен минусен квартален извештај за БДП, а земјата за само три месеци ја задолжија за една милијарда евра“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него е наведено дека Буџетот за 2021 година говори дека „нема никаков напредок во економијата оваа година“, дека таа секој ден доживува нови падови, а дека големи фирми го пренесуваат својот капитал во соседството.