Иран продолжи со збогатувањето ураниум

Иранскиот претседател Хасан Рохани кој ја издал наредбата за продолжување со работата во подземниот капацитет Фордов

Иранската влада соопшти дека земјата продолжила со збогатувањето до ниво од 20 отсто во подземен капацитет, што е повеќе од предвиденото во нуклеарниот договор постигнат со шесте светски сили во 2015 година. Владиниот портпарол Али Рабиеи денеска рече дека претседателот Хасан Рохани ја издал наредбата тоа да се започне во капацитетот Фордов.

Иран од 2019 почна да го прекршува договорот со светските сили, односно откако Соединетите Американски Држави во 2018 година го напуштија.

Засега нема информации од Меѓународната агенција за атомска енергија за последното известување од Техеран. Како и да е набљудувачката организација на Обединетите нации соопшти на први јануари дека биле информирани од Иран дека планираат враќање на нивото од 20 отсто за збогатување ураниум.