Обезбедени вакцини против ковид за цела 2021, првата пратка во февруари

Министерот за здравство, Венко Филипче

Во директни преговор со производителот на вакцината „Фајзер“ се обезбедени вакцини против ковид-19 за цела 2021 година, а договорот беше дефиниран утрово во телефонски разговор на министерот за здравство Венко Филипче и висок претставник на компанијата прозиводител, соопшти денеска Министерството за здравство (МЗ). Земјава вкупно ќе добие 800.000 вакцини против ковид-19 од произведителот „Фајзер“.

Во Македонија во февруари ќе стасаат вакцини за 2.925 граѓани од првата пратка на „Фазјер“ со 5.850 вакцини, потврди и министерот Филипче во објава на Фејсбук.

„Одлична вест на почетокот на годината, првата доза од 5850 вакцини против Ковид 19 од производителот Фајзер стигнува во февруари, а во директни преговори обезбедивме 800.000 дози за цела 2021“, соопшти Филипче. Пратка со поголема количина вакцини ќе дојде во март и април, а динамиката за цела 2021 година дополнително ќе ја утврдиме“, објави Филипче.

Месецов, пак, во Македонија ќе пристигнат и специјалните фрижидери за чување на вакцината на „Фајзер-Бионтек“ на -70 Целзиуосови степени.

Владините портпароли пред две недели информираа дека штом биде достапна вакцината во земјава, први ќе ја примат лекарите, медицинскиот персонал и сите други на првата линија во борбата со пандемијата, потоа хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и останатите на приоритетната листа. Потоа, ќе се вакцинираат премиерот Зоран Заев и политичарите. Регулаторните медицински агенции, европската ЕМА и американската ФДА, прва ја одобрија вакцината на „Фајзер“.