Повреден пожарникар при гаснењето на пожарот во „Глобал“

Изгаснат пожарот во Глобал, Струмица.

Гаснењето на големиот пожар во трговскиот центар „Глобал“ во Струмица, кој избувна синоќа во 23:12 часот, траело скоро 5 часови, а во борбата со огнената стихија учествувале вкупно 61 пожарникари со 18 возила. Пожарот е изгаснат утрово во 3:50 часот. Покрај целиот состав на противпожарната едница во Струмица, во гаснењето учествувале и пожарникари од Радовиш, Кавадарци, Штип и Валандово, како и цистерни од струмичкото комунално претпријатие.

Според Александар Гудев, командир на противпожарната едница на Струмица, пожарот во „Глобал“ бил пријавен од стражарската служба, а пожарникарите стасале за 3 минути. Најпрвин избувнал во делот каде се врши доставување на стока и брзо се проширил.

„Опожарена е една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, како и на дел од вториот. При гаснењето е повреден еден пожарникар, кој вдишал јаглероден монооксид и беше пренесен во болницата во Струмица каде по укажаната помош е пуштен на домашно лекување“, рече Гудев.

Увид од страна на инспектори за пожари се очекува да биде извршен утре, по што треба да се знае која е причината за пожарот.