Пендаровски: Пандемијата ќе помине, ќе дојдат подобри денови

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска граѓаните упати честитка по повод новогодишните празници. Тој во неа посочи дека 2020 година беше една од најтешките години од македонската независност.

„Ја поминавме во постојана тензија помеѓу стравот и надежта. Стравувавме за нашето здравје и животи. Бевме загрижени и за економијата, за работните места, многу лични и професионални планови беа одложени. Но, најтрагично од се, многу човечки животи беа изгубени. Пандемијата покажа колку сме ранливи како луѓе. Истовремено разоткри и многу системски слабости што се извор на социјална нееднаквост и неправда. Не е утеха што овие слабости се покажаа и на многу други места во светот, не само кај нас“, напиша Пендаровски во честитката.

Тој додава дека во сета таа болка и страв низ кои помина македонското општество има и причини за надеж, а тоа се здравствените работници, кои секојдневно, пожртвувано се борат за здравјето и животот на секој пациент, дури и на новогодишната ноќ.

Пендаровски посочи дека и покрај тоа што не можеме да знаеме што нé очекува во годината која е пред нас, една работа е извесна, дека кризата не промени сите.

„ Пандемијата ќе помине. Ќе дојдат подобри денови. Ќе можеме да бидеме заедно, без страв. Но, и тогаш не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции. Мора да сме системски подготвени за следната криза, мора да ја закрепнеме економијата, да ја искорениме неправдата, да ги надминеме поделбите, да ги залечиме овие рани.“ пишува претседателот Пендаровски во честитката по повод Нова Година.