3.000.000 денари помош од Скопје за Петриња

Фотографија од разурнати куќи во Петриња, снимена од дрон

Советот на Град Скопје, на денешната вонредна седница, донесе Одлука за давање помош на настраданите од катастрофалните земјотреси во Петриња и во Загреб, во кои има човечки жртви и се повредени повеќе лица, iнформираше денеска Град Скопје.

„Со оваа одлука, како израз на солидарност за настраданите, Градот Скопје дава помош во износ од 3 милиони денари, односно 2 милиона денари на градот Петриња и еден милион денари за градот Загреб, износ кој го доделуваме на сите градови за вакви и слични неприлики“, соопшти Градот.

Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, на седницата изјави дека Скопје е град на солидарноста и знае што значи помош по вакви катастрофи и затоа во кординација со сите советнички групи во Град Скопје била свикана вонредна седница на Советот за да им се додели помош на пријателите од Загреб и од Петриња.

Во вчерашниот земјотрес со јачина од 6,3 степени по Рихтер, со епицентар во градот Петриња, а од кој имаше последици и во Загреб и Сисак, загинаа најмалку седум лица, а дваесетина се повредени. Спасувачките екипи се на терен, а помош за настраданите стасува од целиот регион и од земјите од Европската унија. Македонската Влада вчера објави дека за помош на настраданите ќе испрати 6 милиони денари.