Нова серија земјотреси во централна Хрватска, 2 јануари ден на жалост

Петриња, 30 декември 2020

Хрватската влада денеска одлучи 2 јануари да биде ден на жалост поради жртвите во земјотресот што вчера ја погоди земјата. Премиерот Андреј Пленковиќ по седницата на Владата изјави дека за оваа одлука биле информирани и претседателот на државата и Парламентот.

Седницата на хрватската Влада почна со едноминутно молчење, во знак на почит за жртвите од вчерашниот земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала и со епицентар во градот Петриња, на 46 километри од Загреб. Во земјотресот загинаа седум лица, а десетици се повредени. Петриња е во урнатини, а потрагата во урнатините продолжува и денеска.

Од рано наутро биле почувствувани повеќе помали земјотреси во регионите за Петриња, Сисак и околината на Загреб, од кои најсилниот бил со интензитет од 4,9 степени според Рихтер.