Загадување, земјотреси, вакцини и долгови

МАКЕДОНИЈА - Со новата електронска мапа на загадувачи, односно потенцијални загадувачи, конечно ќе падне илузијата дека во државава загадуваат домаќинствата, а дека индустријата е совршено еколошки прилагодена. Ова беше истакнато на денешната презентација на е-мапата за лоцирање на моментални и потенцијални загадувачи на животната средина, изработена од Зелениот институт, а во соработка со Државниот инспекторат за животна средина.

ХРВАТСКА - Во овој град не е безбедно, мораме да најдеме сместување за луѓето, изјави денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ од гратчето Петриња, на 46 килиметри од Загреб, каде беше епицентарот на денешниот земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала.

МАКЕДОНИЈА - Надлежни сме за гонење на криминалот, а тој не запира, дури и кога има пандемија. И во услови на пандемија, со поинаква организација на работата, Обвинителството обезбеди непреченото одвивање на истрагите и постапките по другите предмети, почитувајќи ги целосно здравствените протоколи, изјави денеска Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска се сретнал со проф. д-р Драган Даниловски и се договориле да се формира неформално советодавно тело од професори во пензија од Медицинскиот факултет, соопшти Министерството за здравство (МЗ). Целта е професорите да помогнат во анализирање на тековните состојби во здравството.

РУСИЈА - Руската затворска служба денес му постави краен ултиматум на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, веднаш да се врати од Германија и утре да им се пријави на властите, или по враќање во Русија на друг датум да се соочи со моментална затворска казна, бидејќи на 30 декември му истекува условната затворска казна, јавија британските медиуми.

ЕРМЕНИЈА / АЗЕРБЕЈЏАН - Властите на сепаратистичкиот регион Нагорно Карабах ги демантираа информациите на официјален Баку дека еден азербејџански војник е убиен и еден ранет во заседа на локалните ерменски сили.

ШПАНИЈА - Шпанските власти ќе водат регистар на луѓе кои одбиваат вакцина против коронавирусот и ќе ги споделат податоците со другите европски земји, но тие нема да бидат објавени во јавноста, соопшти Министерството за здравство. Министерот Салвадор Ила рече дека е важно граѓаните да се вакцинираат против коронавирусот, иако вакцинацијата, која започна во многу земји на Европската унија не е задолжителна.

ГЕРМАНИЈА - Берлин не планира да се повлече во спорот со САД околу гасоводот Северен тек 2, изјави за ДПА германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.

ГРЦИЈА - Грција започна постапка за враќање на 3,6 милијарди евра на Меѓународниот монетарен фонд, изјави министерот за финансии Христос Стаикурас. Тој додаде дека станува збор за предвремена отплата на заемите чиј рок на исплата истекува во 2021 и 2022 година. На тој начин, Грција отплати делови од долгот кон ММФ во ноември 2019 година. Со најавената нова отплата Грција ќе врати вкупно 80 проценти од заемите на ММФ, односно 6,3 милијарди евра.

САД - Претставничкиот дом на САД гласаше за да го надмине ветото на претседателот Доналд Трамп за нацрт-законот за одбранбена политика. Претставничкиот дом со 322 наспрема 87 гласа го надмина ветото што е далеку над двете третини потребни за тоа, со 109 републиканци кои застанаа на страната на демократите. Доколку биде одобрен од две третини од Сенатот, ова прегласувањеќе биде прво за време на претседателската функција на Трамп. Оваа недела се очекува гласање во Сенатот.