Грција утре ќе добие 83 илјади дози од вакцината против ковид-19

Во Грција, утре ќе пристигне првата голема пратка од 83.850 дози од вакцината против ковид на Фајзер/БиоНТек. До крајот на јануари ќе бидат доставени 419.250 дози од вакцината, а земјата до крајот на февруари ќе добие уште 333.450 дози, рече денеска генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција, Мариос Темистоклеус

„До крајот на март, од Фајзер, ќе имаме добиено 1.255.800 дози и оваа бројка веројатно е да се зголеми ако Европската унија постигне договор за дополнителни 100 милиони дози“, рече Темистоклеус на денешната прес конференција.

Во изминатите 24-часа во Грција се регистрирани 476 нови и 66 смртни случаи со што бројот на заразени од почетокот на епидемијата се зголеми на 135.931 лица, а починаа вкупно 4.672 лица.

Во Грција денеска до 16 часот, во петте болници во Атина, биле вакцинирани 471 лице, а имало и случај на алергиска реакција, но успешно била третирана, рече генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција. Тој објасни дека вакцинацијата од утре почнува во четири болници во Патра, Солун, Лариса и Јанина, а ќе продолжи и во Атинските болници, а планот е во периодот од 4 јануари до 20 јануари сите здравствени работници, персоналот и згрижените во домовите за стари лица да ја имаат примено првата доза.