Авионите на НАТО најмногу пресретнувале руски авиони

Руски воен авион

Воздушните сили на НАТО годинава повеќе од 400 пати пресретнале непознати авиони, најголем број од нив од Русија, кои се приближувале кон воздушниот простор на Алијансата, соопштија од воениот сојуз.

Во денешното соопштение на НАТО се наведува дека скоро 90 отсто од мисиите за пресретнување на авиони се однесувале на руски воени авиони. Годинава е забележан благ пораст на пресретнати авиони во споредба со претходната година.

„Во последниве години, видовме зголемено ниво на руска воена воздушна активност близу границите на Алијансата“, рече портпаролот на НАТО, Оана Лунгеску.

Од НАТО соопштуваат дека руските воени често не пријавуваат која е нивата позиција и висина и не доставуваат план за летот или пак не комуницираат со контролата на летање, што претставува потенцијален ризик за цивилните патнички авиони.

Алијансата има околу 40 радари за надзор на воздушниот простори и центри за известување низ Европа и околу 60 авиони на НАТО кои дежураат деноноќно и служат како сили за брз одговор доколку некој авион падне во неволја или, пак, им пркоси на меѓународните правила за летање во близина на воздушниот простор на НАТО.