МБА бара нови рокови за исплата на паричната помош за граѓаните

Илустрација - Луѓе со заштитни маски пред банка во Скопје

Еднократната финансиска помош од 6.000 денари, како дел од четвртиот пакет антикризни мерки, е исплатена на над 90 отсто од корисниците. За останатите да може да се исплати финансиската поддршка, од Македонската банкарска асоцијација (МБА), велат дека потребно е да се направат законски измени со нови подолги рокови, пренесе МИА.

„Со цел успешно реализирање на еднократна финансиска помош од 6.000 денари како дел од четвртиот пакет антикризни мерки, банките максимално ги ставија на располагање своите ресурси и во согласност со Законот за финансиска поддршка во краткиот законски рок, до крајот на работното време на 25.12.2020 година вршеа распределување на добиените средства на трансакциските сметки на граѓаните. Во овој краток период успешно беа исплатени над 90 отсто од корисниците на финансиската помош“, соопшти Македонската банкарска асоцијација.

Од МБА велат дека после истекот на законски дадените рокови, за да се реализира исплатата на сите граѓани на кои во претходниот законски рок не им е исплатена финансиската поддршка, потребно е да се направат измени на Законот за финансиска поддршка со цел постоечките рокови, да се заменат со нови подолги рокови.

Од Владата вчера апелираа до банките да има поголема толеранција и исплатата да биде завршена до Нова година.