Презентиран новиот концепт за основното образование

Министерката заобразование и наука, Мила Царовска

Настава со осум или девет задолжителни предмети, интеграција на содржини, ограничен престој во училиште и можност за избор на албански јазик како изборен предмет се само дел од новините од Националниот нацрт-концепт за реформа во основното образование што денеска го претстави министерката за образование и наука, Мила Царовска, заедно со универзитетската професорка Виолета Петровска-Бешка.

Осумте или девет задолжителни предмети ќе бидат поделени во две групи - едната македонски, албански, турски српски или босански јазик, математика, природни науки, општествени науки и англиски јазик, а другата група оние кои ги покриваат уметничкото, физичкото, техничко-технолошкото образование.

Престојот во училиште ќе биде 3,5 наставни часа за децата од прво до петто одделение и 4,5 наставни часа за децата од шесто до деветто оделение. Секое училиште мора да понуди 2 листи изборни предмети едната за учење други јазици, од која ќе може како изборен да се избере албанскиот јазик, доколку во средината во која живее детето тој се користи повеќе или пак е доминантен, а другата изборна листа ќе биде составена од 4 категории слободни изборни предмети.

Како што појасни проф. Петровска-Бешка, природните науки ќе опфатат содржини од билогија, физичка географија, хемија и физика, а општествените науки ќе имаат содржини кои припаѓаат на историја, општествена географија, граѓанско образование, религија, етика.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, на презентеацијата на новиот концепт истакна дека реформата треба да се направи веднаш и оти за тоа говорат лошите резултати на меѓунароните и домашните тестирања. Таа рече дека новиот начин на учење би стартувал во септември, со прво и шесто одделение.