Мицкоски не дојде да сведочи за Организатори на 27 април

Лидерот на ВРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето на обвинетите за организирање на настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Денешното рочиште е за сослушување на сведоци предложени од одбраната, меѓу кои и поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски.

Како сведок на денешното рочиште бил повикани и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но не дошол во судот поради приватни причини. Од партијата соопштија дека нивниот претседател имал однапред закажани обврски и затоа бил спречен, но дека „ако биде уредно поканет, со задоволство ќе сведочи“.

Коце Трајановски пред Судот рече дека во ВМРО-ДПМНЕ немале донесено никаква одлука за поддршка на протестите, кои, како што додаде, ги оцениле „како мирни и спонтани“, но не учествувале во нив.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”.