По случајот на мутација на Ковид-19, забранети сите летови од Британија во Македонија

Меѓународен аеродром Скопје

Владата денеска ги забрани сите летови од Велика Британија во земјава, соопшти претпладнево премиерот Зоран Заев, по појавата на мутацијата на ковид-19.

Комисијата за заразни болести утрово препорача само 14-дневна изолација за патниците од Британија, но не и забрана.

„После најновите информации поврзани со појавата на забрзано ширење на коронавирусот во Велика Британија, на денешниот главен кризен ковид-штаб донесовме одлука за забрана за сите летови од Велика Британија во Северна Македонија. Дополнително, се воведува и задолжителна 14-дневна самоизолација за сите патници што по воздушен или копнен пат, директно или индиректно пристигнуваат од Велика Британија во Северна Македонија“, напиша Заев на Фејсбук.

И министерот за здравство, Венко Филипче, се огласи за новонастанатата ситуација.

„Утрово имавме состанок. Препорака на Комисијата за заразни болести е сите патници кои доаѓаат од Велика Британија да бидат упатени на задолжителен карантин од 14 дена“, изјави Филипче.