СДСМ го повлекува законот за надворешни работи, ВМРО ДПМНЕ најави блокада

Собраниска седница

СДСМ излезе со соопштение во кое објави дека ќе го повлечеме предлог законот за надворешни работи од процедура, наведувајќи дека партијата нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да прави театар од Собранието.

"За време на мандатот ВМРО-ДПМНЕ испраќале амбасадори кои имале двојни државјанства што е спротивно на закон. Го правеле тоа со безобзирно прекршување на Законот за надворешни работи. Целта требаше да биде да се дозволи кандидатите за амбасадори да имаат двојно државјанство, но да не можат да бидат амбасадори во земјата каде имаат второ држвјанство" стои во партиското соопштение.

До ова доаѓа откако претходно пратеникот од опозициската партија ВМРО ДПМНЕ Антонио Милошоски најави дека ќе го блокираат предлог-Законот за надворешни работи затоа што се против тоа амбасадори на Македонија да имаат двојно државјанство.

Милошоски денеска на својот фејсбук профил напиша дека заедно со неговите колеги пратеници ќе поднесат 300 амандмани, затоа што сметаат дека е погрешно амбасадор на Македонија да има и друго државјанство покрај македонско.

„Прво, затоа што измената е произволна и претставува обид законот да се прилагоди на неколку персонални решенија на владините партнери за пополнување на амбасадорски позиции. Второ, овие измени се спротивни на Законот за класифицирани информации според кој неопходен предуслов за кандидатот за амбасадор да добие “безбедносен сертификат со степен Државна тајна" е да не е државјанин и на друга држава, а амбасадор без безбедносен сертификат не е амбасадор. Трето, затоа што дипломатијата, како и безбедноста, е сензитивна професија каде лојалноста кон матичната држава Македонија не смее да биде доведена под знак прашалник", напиша Милошоски на Фејсбук.