Царовска: Државна матура ќе има

Мила Царовска

Државна матура ќе има и таа е законска обврска, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска. Таа истакна дека учениците кои лани сакале да се запишат надвор од државата, не можеле тоа да го сторат оти немале положен матурски испит.


„Матурата е задолжителна и тоа не само во нашата држава, туку и во земјите во регионот и во развиените европски земји. Ние сме целосно подготвени матурата да се спроведе на соодветен и безбеден начин со концепцијата којашто е донесена и усогласена со формалните здруженија на средношколци и матуранти коишто беа на состанок во Министерството, “ изјави Царовска.


Таа посочи дека сега забрзано се работи на менување на концепцијата и дека годинава се воведени свежина и новини коишто биле предложени заеднички со учениците. Царовска вели дека прашањата се поедноставени согласно условите во коишто треба да се изведе оваа матура. Минатогодишната одлука за неполагање на матурски испит направила проблеми за учениците коишто сакале да го продолжат своето образование во високите образовни институции, а дополнително им го искомплицирало запишувањето на учениците надвор од државата, кои не успеале во намерата поради неполагање на матурски испит.