Судири на протестите на поддржувачите на Трамп во Вашингтон

Протест на поддржувачите на Трамп во Вашингтон.

Неколку илјади поддржувачи на актуелниот претседател на САД Доналд Трамп се собаа на 12 декември во Вашингтон, за да изразат поддршка на неговите обиди да го промени исходот од изборите на кои победи кандидатот на демократите Џо Бајден.

Собирите во текот на денот поминаа мирно со големо присуство на полицијата која ги раздвојуваше демонстрантите и контрадемонстрантите, но во текот на ноќта дојде до судири меѓу припадниците на ултрадесничарската организација „Горди момци“ и членовите на движењето „Антифа“, кои се судрија во центарот на градот.

Полицијата брзо реагираше да ги раздели и употреби бибер-спреј против двете групи, пренесе агенцијата Ројтерс повикувајќи се на изјави на очевидци.

Во текот на денот поддржувачите на Трамп скандираа кога ги надлета претседателскиот хеликоптер, на пат кон фудбалскиот натпревар меѓу американската копнена војска и морнарицата во Вест Поинт во Њујорк.

Протестните собири се одржуваат два дена пред формалното состанување на членовите на Изборниот колеџ за да го изберат 46-от претседател на САД.

Трам, чиј мандат истекува на 20 јануари, одбива да го признае поразот, повикувајќи се на недокажани тврдења за изборни измами кои ги отфрлија државните и федералните судови, а на 11 декември тоа го стори и Врховниот суд.

Највисокиот суд на земјата ја отфрли тужбата на државата Тексас чија цел беше да биде поништен изборниот резултат во четири држави во кои Бајден го победи Трамп, со што скоро се завршени обидите на претседателот на суд да го промени исходот на изборите.

Демократскиот кандидат го победи Трамп со 306 изборни гласови. Бајден освои седум милиони гласови повеќе од актуелниот претседател Трамп.