Угостителите бараат средба со Комисијата за заразни болести

Илустрација - Угостителски објекти во Скопје во време на пандемија.

Независната угостителска комора (НУК) бара учество на работен состанок на Комисијата за заразни болести поради најавите за нови рестриктивни мерки наменети за угостителските објекти, се вели во соопштението на НУК.

Барањето, се вели во соопштението, е по повод информациите во медиумите кои посочуваат дека од членовите на Комисија за заразни болести се залагаат „за целосен „Lockdown“ на сите угостителски објекти за периодот од 31 декември до 8 јануари.“

„Како Независна угостителска комора утринава доставивме барање за учество во понеделничкиот работен состанок на претставници на нашата комора и претставници на останатите комори за туризам и угостителство, на кои се планира да се донесат овие препораки за нови рестриктивни мерки за угостителите и угостителската индустрија“, се вели во соопштението.

Од НУК исто така наведуваат дека бараат да им се овозможи да ги слушнат „грижите и оправдувањата“ на членовите на Комисијата за заразни болести за усвојување на најавените рестриктивни мерки, но и да им биде дозволено да укажат на „нивните недоследности, нелогичности“, пред да бидат доставени до Владата.