Брнабиќ - Првите вакцини во Србија до крајот на оваа година

Архива - српската премиерка Ана Брнабиќ.

Србија е една од земјите кои први ќе добијат вакцини против коронавирусот, изјави премиерката Ана Брнабиќ.

„Ние таа вакцина ќе ја имаме во декември оваа година“, изјави српската премиерка откако направи обиколка на Моравскиот коридор каде се извршуваат градежни работи.

Таа наведе дека погрешно е пренесена нејзина изјава дадена за време на одбележувањето на Меѓународниот ден на човековите права. Брнабиќ вели дека тогаш рекла дека за време на разговори за набавка на вакцини во Србија од една компанија, е кажано дека вакцините може да се добијат во декември 2021 година.

„Тоа е точно, но тоа е една компанија. Ние разговараме со сите компании. Тоа го дадов како пример колку е тешка таа борба“, рече Брнабиќ.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ на 12 ноември изјави дека преку системот Ковакс за крајот на оваа и за цела следна година се обезбедени милион и 800 илјади вакцини против коронавирусот.

Во Србија стигна првата пратка од руската вакцина Sputnik-V од 20 дози за лабораториска контрола.

Западните компании „Фајзер“ и „Бионтек“ ја предадоа документацијата за регистрација на својата вакцина за борба против коранавирусот во Србија.