Животна средина- фирми во Железара работат без елаборат, Макстил реагира

Илустрација- Аерозагадување во Скопје

На барање на граѓаните од Гази Баба кои се жалеле поради високото загадување од минатата седмица и бучавата во кругот на Железара, Државниот инспекторат за животна средина во соработка со Инспекторатот на Град Скопје направиле два вонредни надзори во индустриската зона, каде покрај Макстил, работат и повеќе други правни субјекти. Инспекторите на ДИЖС констатирале дека во оваа средина повеќе правни субјекти работат без елаборати за заштита на животната средина.

Првиот надзор, информираат од ДИЖС, бил спроведен пред два дена , во работно време и било утврдено јасно прекршување на Законот, односно констатирано дека повеќе правни субјекти работат без елаборати за заштита на животната средина, што значи немаат програма со мерки за заштита на животната средина и надзор врз спроведувањето на мерките. Од Инспекторатот посочуваат дека сите субјекти се задолжени во најкус можен рок да изработат елаборати и да обезбедат одобрение од соодветна институција во согласност со закон.
Вториот надзор, како што се инфомира, бил извршен на вчера во вечерните часови.

„Во тој момент, ниту еден од субјектите во кругот на Железара не работеше, освен Макстил. Инспекторите и централната акредитирана лабораторија на МЖСПП направија мерења на лице место, а резултатите се очекуваат во текот на следните денови“, се наведува во соопштението на Инспекторатот.

Оттаму посочуваат дека во текот на инспекцискиот надзор е побарано објаснување за бучавата на која се жалеле граѓаните на Гази Баба и дека било потврдено дека бучавата доаѓа од Макстил, поточно од електролачната печка за топење на старо железо, која и покрај изолацијата на погонот, создава силни звуци кои пробиваат во надворешната околина.

Од Макстил реагираа наведувајќи дека според нивните мерни инструменти нема забележани надминувања на дозволените вредности од А интегрираната еколошка дозвола а дека зголемената бучава согласно било утврдено дека се во рамките на дозволеното.