Протест против полагањето државна матура, од МОН велат- треба да има

Архивска фотографија- министерката за образование и наука Мила Царовска

Организирани од Средношколски глас, ученици попладнево протестираат пред Министерството за образование и наука против полагање државна матура. Сметаат дека и за оваа генерација, како и за минатата, треба да биде укината зашто и натаму трае епидемијата и наставата на далечина.
Во повикот „На протест. Стоп за државната матура“, од Средношколски глас соопштија дека средношколците се „против дополнителен хаос во образованието“ и дека и онака немањето услови за настава се отежнува со дополнителни неосмислени програми за полагање на матурата.

„Образованието ни виси на конец, не можеме да го стекнеме вистинскиот обем на учење и добивање практично и теорично знаење, и полагањето на матура за учебната 2020/2021 година е невозможно на начин каков што е предложен од страна на Министерство за образование. Физичко присуство на учениците за еден од предметите, а дел да се полагаат онлајн воопшто не е соодветен модел да се полага државна матура“, велат од Средношколски глас.

Од Министерството за бразованието по протестот реагираа наведувајќи дека образованието мора да продолжи да тече дури и во услови на пандемија, бидејќи се работи за иднината на младите генерации.

„Државна матура треба да има затоа што со неа се заокружува стекнатото знаење и она што е многу важно ги насочува учениците во понатамошниот образовен процес“, соопшти Министерството за образование и наука.