Ќе се одделат чесните од нечесните судии, најави министерот Маричиќ

Министерот за правда Бојан Маричиќ

На 28 декември Советот за реформи во правосудството ќе ја усвои методологијата по која ќе се изврши филтрацијата на судството и обвинителството, преку која Судскиот совет и Советот на јавни обивнители, како одговорни тела ќе направат прочистување во своите редови, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ, во денешното обраќање на „Следна Станица: Европа“ – Конференција на ЦИВИЛ за човекови права, правда и антикорупција, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на човековки права.

„Ако сакаме да успееме и да станеме модерна европска држава правда мора да има, еднаква за сите, бескомпромисна и со еднаков аршин и само така може да се зголеми довербата на граѓаните во судството и обвинителството преку разрешница на крупни судски случаи со големите риби. Рецидивите од минатото, остатоците од сваровски судството, попречувачите на правдата, не можат да бидат дел од правосудниот систем и да носат пресуди во име на граѓаните и не можат да ги штитат и унапредуваат нивните права. Ќе се одвојат чесните од нечесните судии“, рече министерот Маричиќ.

Во периодот 2019 - 2020 година се разрешени осум судии, а согласно информациите од Судскиот совет има постапки за уште 83 судии.