Пендаровски: Ја отфрливме понудата за пристапување кон Европската економска заедница

Стево Пендаровски

Македонскиот претседател Стево Пендаровски, на онлајн самитот ЕУ - Западен Балкан, организиран од тинк-тенк групата „Пријатели на Европа“ изјави дека македонскиот државен врв добил понуда за членство во Европската економска заедница, но дека таа била одбиена бидејќи нема алтернатива за полноправно членство во ЕУ. „Некои од нас во регионот, а јас можам да зборувам само за Северна Македонија, добија понуда од многу високи функционери да станат членки на Европската економска заедница. Јас веднаш ја одбив оваа понуда, бидејќи овој начин на размислување е катастрофален на долг рок", рече Пендаровски.

Пендаровски: Време е интеграцијата на земјите од Западен Балкан ЕУ да ја препознае како стратешка одлука

Пендаровски не кажа од каде е понудата, ниту кои други земји од регионот добиле таква понуда, но тој изјави дека ваквите предлози „кружеле за време на подготовката на новата методологија за преговори со ЕУ“. Како што соопшти Кабинетот на претседателот на Северна Македонија, тој посочи дека стабилноста и безбедноста на регионот, како и неговиот демократски развој, се потпираат врз европската перспектива. „Создавањето вакуум во интеграцијата на регионот може да го искористат другите надворешни сили. Земјите-членки на ЕУ имаат историска шанса да придонесат за европската стабилност и просперитет“, рече Пендаровски.