Заев: Конески се надвишува над сите злонамерници

Зоран Заев

Големината и значењето на животот и делото на Блаже Конески за македонскиот идентитет, за македонската национална култура, за македонскиот јазик го прават не само втемелен факт во историјата, туку и жив двигател на нашата сегашност во разни области – во науката за јазикот, во уметноста и силата на зборот, во моќта да го закрепнува нашето духовно самочувство кога ни остави завет да го чуваме јазикот, зашто јазикот е нашата татковина, објави денеска премиерот Зоран Заев, по повод 27-годишнината од смртта на Блаже Конески.

„Великаните не заминуваат никогаш. Таков е и Блаже Конески. Тој со своето сеприсуство и денес ги побива и се надвишува над сите злонамерници што го напаѓаа и го нарекуваа „џуџето од Небрегово“, а денеска му ги читаат песните. Ништожни се таквите чинови на порекнување на големите македонски дела и големите македонски дејци, ништожни се во споредба со громогласниот џин заштитник на македонската реч“, објави премиерот Заев.

Денес, вели премиерот, „македонскиот јазик е дел од светската енциклопедија јазици и никој не може да ја негира неговата автентичност. Жив јазик на македонскиот народ со свој изворен правопис, граматика, речник, и своја континуирана и развојна историја“.