Се поставува модуларната болница во Гевгелија

Монтажна болница дел од Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта.

Министерството за здравство соопшти дека во Гевгелија денеска започнало поставувањето на модуларната болница, а во текот на следната недела монтажа на објектите ќе започне и во Струмица, Куманово, Струга и Кичево.

„Генерално, активностите во сите општини течат согласно утврдениот план и динамика. Општината Битола и јавните претпријатија го уредуваат просторот и го подготвуваат теренот за поставување на три модуларни болници со капацитет од 100 болнички кревети и три тријажни центри. Во моментов, во Битола се бетонираат бетонските подлоги за поставување на модуларните болници“, велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека се работи истовремено на сите 16 локации каде треба да постават модуларни болници.

„Крајните рокови за пуштање во употреба на сите модуларни ковид центри истекуваат за три месеци. Но, како ќе завршува монтажата, така ќе пристига и потребната опрема и инвентар за целосно опремување, што ќе значи и сукцесивно пуштање во употреба. Секој регионален ковид центар ќе има приемен и тријажен оддел, целосно опремена лабараторија, целосно опремени болнички соби и сите други помошни простории за персонал и пациенти“, прецизираат од Министерството за здравство.