Филипче - Обезбедени се 833 илјади вакцини против ковид-19

Веќе се обезбедени 833.000 ваквини против ковид-19 за 400.000 граѓани преку Ковакс механизмот на СЗО, Глобалната алијанса за имунизација.Вакцините ќе ги добиваме согласно планот за дистрибуција кој Ковакс ќе го одреди, рече министерот за здравство Венко Филипче. Властите доставиле барања за директни договори до компаниите „Астра Зенека“ и „Фајзер“ за нивните вакцини. Целта е 60 до 70 отсто од населението да се вакцинира бидејќи експертите сметаат дека е тоа доволен процент на вакцинирано население за да се стекне имунитет, рече Филипче по состанокот со Координативното тело за вакцини за Ковид-19.

Третиот механизам,посочи министерот, го понудија дел од земјите членки на ЕУ и од нивните билатерални договори со дел од компаниите беа договорени 400 милиони дози за граѓаните членки на ЕУ од кои 100 милиони беа наменети за земјите во Европа кои не се членки на ЕУ.

„Иницијална понуда добивме од Полска, Грција и за тоа веќе аплициравме за 800.000 дополнителни дози од тие 100 милиони кои ќе бидат на располагање“, рече Филипче.

Потенцира дека вакцинацијата ќе се врши во вакциналните пунктови и болниците, ќе се спроведе брз процес на тренинг за вакцинирање согласно спецификите на вакцините и сите здравствени работници ќе бидат соодветно обучени.

Вакцинацијата на специфични групи здравствени работници, нагласи, ќе се врши во јавните здравствени установи каде тие работат.

Приоритет ќе биде да се вакцинираат сите здравствени работници кои работат во ковид-центрите или се директно изложени или работат со заболени или суспектни, делот на здравствени работници кои работат на земањето брисеви, граѓаните на возраст над 65 години и пациентите со хронични заболувања, во делот на хронични белодробни и кардиоваскуларни болести според шифрите на дијагноза преку системот „МојТермин“, вработените во критичната инфраструктура и во транспортот.