ЕУ со акционен план против дезинформациите

илустрација

Европската комисија објави план насочен кон зајакнување на „отпорноста“ на демократиите во ЕУ пред „предизвици“ како што е широко распространетата дисеминација на дезинформации и предлага санкции за „странските актери“ како дел од построг механизам за надзор на онлајн платформи. Во акциониот план за европска демократија, се наведува дека Унијата „треба посистематски да го користи целиот спектар на алатки за спротивставување на странското мешање и влијание врз операциите и понатаму да ги развива, вклучително и со наметнување трошоци за сторителите“.

Јурова- ЕУ бара начин за санкции за создавачите на дезинформации и лажни вести

Првпат Европската комисија во официјален документ предлага воведување санкции за ширење дезинформации. Во документот се додава дека планот доаѓа во време кога „се зголемува притисокот врз демократијата, владеењето на правото и човековите права на глобално ниво“. Предупредувајќи дека информациите можат да бидат „оружје на странски актери“, во документот се вели дека „одредени трети земји, особено Русија и Кина, се вклучиле во насочени операции за влијание и кампањи за дезинформирање околу ковид-19 во ЕУ, нејзиното соседство, и на глобално ниво, обидувајќи се да ја поткопаат демократската дебата, да ја влошат социјалната поларизација и да го подобрат сопствениот имиџ “.