Угостителите сакаат да работат во недела, ќе дале друг слободен ден

Илустрација

Разговаравме со угостителите и компаниите од туристичката дејност, и тие мислат дека не треба да се направат никакви измени во периодот кој следува, вели министерот за економија Крешник Бектеши за неработната недела која беше најавена од Владата.

Тој и Неби Хоџа, претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, денска потпишаа Меморандум за соработка меѓу Министерството за економија и Стопанската комора на Северозападна Македонија.

„Во моментот сме при крај со анализата, ќе отвориме дискусија, а секако дека и овој меморандум за соработка ќе придонесе бизнис заедницата да даде свој придонес“, рече Бектеши.

Неби Хоџа рече дека во петокот имале состанок во Владата со заменик премиерот за економски прашања Битиќи и министерката Шахпаска. Тој вели дека е разговарано дел од бизнисите кои оперираат за викенди да можат да си ја вршат дејноста, но да се запази вработените да имаат еден ден одмор во неделата.

„Стопанската комора располага со многу анализи кои доаѓаат од страна на бизнисот и малите микро претпријатија. Тие ќе ни користат за политиките кои ќе се креираат да бидат во таа насока каде што на рационален начин ќе се користат средствата“, рече Бектеши.