Борисов за ФАЦ- компромисот е возможен, но треба да се познава историјата

Архивска фотографија- бугарскиот премиер Бојко Борисов

Бугарскиот премиер Бојко Борисов во интервју за германскиот весник Франфуртер Алгемајне Цајтунг на прашањето поврзано, со како што прашува новинарот, можноста Софија да наложи вето поради спор поврзан со историскиот идентитет на Македонците, одговара дека единствената држава која би сакала почнување на преговори со соседот, дури и повеќе од Германија е Бугарија. Преводот на интервјуто од германски на бугарски јазик го објави самиот Борисов на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

Тој и во интервјуто за ФАЦ, исто како и при средбата со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во Софија, вели дека за него големо изненадување била неодамнешната резолуција на Европскиот парламент за наводно македонско малцинство во Бугарија.

„Во Бугарија нема македонско малцинство. Какво македонско малцинство треба да има во Бугарија? Не познавам такво. Од резолуцијата дознав дека има такво. И откако бугарските социјалисти во Европскиот парламент ја поддржаа резолуцијата, очигледно е дека и тие исто мислат, дека такво малцинство живее кај нас. Наместо да водиме позитивна дебата за европскиот пат на Република Северна Македонија, сега се насочуваме кон сосема различна дебата. Треба да го кажам ова бидејќи тој развој на настаните навситина ме вознемирува“, вели бугарскиот премиер.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Борисов е вознемирен од резолуција на ЕП за македонското малцинство

На забелешката на новинарот Михаел Мартенс кој наведува дека ниту премиерот Зоран Заев, ниту неговиот заменик вицепремиерот Никола Димитров, ниту, пак, кој било од важните политичари во Скопје не тврдат дека во Бугарија има македонско малцинство, Борисов вели "компромисот е возможен".

„Но, исто така треба да се познава историјата. Бугарските комунисти и Комунистичката интернационала, контролирана од сталинистичка Москва сакаа од идеолошки причини по Втората светска војна насилно да ги преобратат Бугарите во Македонија во Македонци. Бугарите таму беа принудени да се нарекуваат Македонци. Ако сега во процесот на присоединување кон Европската унија се појават определени погрешни тврдења и јас не реагирам, моите политички опоненти ќе ми кажат- Борисов ја продава бугарската историја и попушта под притисокот на европските партнери“, вели Борисов.

Откако бугарската влада месецов одлучи да ја блокира земјава во својот евроинтегративен пат поради, како што тврдат, прекршување на Договорот за добрососедство од 2017 година од страна на Скопје, тимови од министерствата за надворешни работи на двете земји интензивно разговараат во обид да најдат решение. Последна шанса за почнување на преговорите за време на германското претседателство со ЕУ, кое завршува на 31 декември, се смета Советот за општи работи на ЕУ кој треба да се одржи на осми декемрви.

Во меѓувреме на обвинувањата од Софија дека Скопје поддржува македонско малцинство на бугарска територија неколкупати разни политичари нагласуваа дека и во амандманот 1 од македонскиот Устав стои дека „Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави", a во амандманот 2 дека „Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“.