Продолжува изградбата на Северен поток 2, стопирана поради санкциите од САД

Архивска фотографија- цевки за гасоводот Северен поток 2

Изградбата на гасоводот Северен поток 2 кој оди под Балтичкото море од Русија до Германија ќе продолжи на петти декември по едногодишна пауза поради американските санкции, соопшти компанијата Северен поток 2.

Лани во декември изградбата беше стопирана по санкциите на Соединетите Американски Држави за проектот кој треба да обезбедува двојно повеќе гас од Русија за Германија. Санкциите беа насочени кон странците кои се поврзани со бродови кои поставуваат делови од гасоводот и ја принудија компанијата Олсис со седиште во Швајцарија да ги прекине активности кратко пред целосната изградба на гасоводот.

За целосното негово завршување потребно е да се изградат уште 16 километри во германските водини и 60 километри во данската секција.