Лукашенко вели дека ќе ја напушти функцијата кога ќе се донесе новиот Устав

Александар Лукашенко

Александар Лукашенко, кој владее со Белорусија 26 години, рече дека ќе ја напушти функцијата по донесувањето на новиот Устав, пренесува белоруската новинска агенција Белта.

„Нема да соработувам со вас како претседател според новиот Устав“, рече Лукашенко за време на денешната посетата на болница во Минск. Тој не прецизираше кога ќе се случи тоа, но ја истакна потребата за измени и дополнување на Уставот и прилагодување на претседателските овластувања. Лукашенко ја спомена можноста за измени на Уставот неколку пати во минатото, но опозицијата ги отфрли неговите забелешки како обид за купување време и останување на власт додека беснеат антивладини протести.

Русија го обвини Западот за мешање во Белорусија

Белорусија е потресена од протестите кои почнаа по претседателските избори на 9 август, на кои Лукашенко прогласи победа и му беше доделен шести по ред претседателски мандат. Опозицијата смета дека изборите биле наместени, а западот не ги призна резултатите. Демонстрантите сметаат дека вистински победник е опозициската кандидатка Свјатлана Цихановскаја. Во пресрет на избори во август, таа рече дека доколку биде избрана за претседател ќе врати Уставот од 1994 година, кој ги ограничува претседателските овластувања.

Лукашенко постојано повторуваше дека не планира да се повлече. Претходно, овој месец, тој повтори дека нема намера да му ја предаде власта на некого и ги обвини демонстрантите дека планираат „обоена револуција“, термин кој често се користи за да се опишат прозападни политички пресврти.

„Нема трансфер на власта. Нема наследници. Кој е избран од народот, мора да остане [на власт]“, рече тој на 13 ноември. САД и ЕУ не го признаваат 66-годишниот Лукашенко за легитимен лидер на Белорусија.