Заев: Вељаноски, Јанакиески и Ристовски не се организатори на „27 април“, туку Груевски

Архивска фотографија - Обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и Владимир Атанасовски на првото рочиште од судењето за „27 април“

Настаните од 27 април оставија згрозувачки сеќавања за сите нас и се надеваме дека нема да се повтори. Како човек кој бев меѓу првите таргети од насилничката група со намера да одзема животи и да ликвидира. Логично мислам дека има организатори на тој настан. Но, како упатен и информиран како претседател на најголемото мнозинство не мислам дека главни организатори се Миле Јанакиески, спиро Ристовски и Трајко Вељановски, изјави денеска премиерот Зоран Заев, кој сведочеше во случајот „Организатори на 27 април“.

„Според мои сознанија овие луѓе се изманипулирани од главниот организатор Никола Груевски и според мене, како жртва должен да ја зборувам вистината не навлегувајќи во нивните чувства, не мислам дека се организатори туку дека се изманипулирани. Јас сум присутен сите тие 30 дена пред Собранието знам како тогашниот претседател го водеше Собранието знаејќи ги политичките констелации. Не е коректно за правниот систем да се води ваква постапка“, рече Заев во сведочењето на денешното рочиште.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.