Брнс:САД разочарани од бугарската блокада на македонските евроинтеграции

Архивска фотографија, амбасадорката на САД во Скопје Кејт Мери Брнс на средба со министерот за здравство Венко Филипче

Соединетите држави се разочарани од бугарската блокада на македонските европски интеграции. Американската амбасадорка во Скопје Кејт Мари Брнс, во интервју за Телма, посочи дека билатералните спорови меѓу земјите треба да се решаваат надвор од процесот на интегрирање. Таа изрази надеж дека Северна Македонија ќе продолжи со пристапниот процес кон ЕУ.

„Многу јасно ја кажавме нашата желба да ја видиме меѓувладина конференција до крајот на оваа година. И влезот на Северна Македонија во ЕУ ние го гледаме како заеднички интерес. Разочарани сме што Бугарија го блокира прогресот. Навистина е важно, и ние продолжуваме да комуницираме за ова во Бугарија и во Северна Македонија, двете земји да продолжат да ги решаваат билатералните спорови надвор и одвоено од процесот на евроинтеграции “, вели Брнс.

Таа посочи и дека реформската агенда и напорите да се продолжи кон членство во Унијата е второто важно прашање за Македонија, освен справувањето со пандемијата за кое е потребна поддршка од сите политички партии.

„Се надеваме дека опозицијата, но и сите политички партии, сите организации, ќе застанат зад овие две цели. Прво за да се заштити нивното здравје и здравјето на граѓаните и второ да инвестираат во позитивна иднина која доаѓа со реформската агенда и напредокот на евро-атлантскиот пат“, изјави Брнс.