Фон дер Лајен – Се надевам дека ангажманот на САД со новиот претседател ќе се промени

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека се надева на ново ангажирање од САД со новоизбраниот претседател Џо Бајден во корист на мултилатерализмот, особено кога станува збор за борбата против пандемијата на коронавирус и глобалното затоплување.

„Сите земји мора подобро да соработуваат заради подобра глобална здравствена безбедност... До денеска САД не сакаа да се занимаваат со оваа тема. Се надевам дека тоа сега, со избраниот нов претседател, ќе се промени“, рече таа во пресрет на Самитот Г20.

Таа исто така изрази очекување дека новата американска администрација ќе се ангажира и на планот на климатски промени.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп, која Бајден ја критикуваше поради лошиот одговор на пандемијата, покрена постапка за повлекување од Светската здравствена организација. Администрацијата на Трамп го отфрли и Парискиот климатски договор.

Саудиска Арабија овој викенд ќе биде домаќин на виртуелниот Самит Г20, а една од темите се последиците од пандемијата на коронавирус.