Вархеји верува дека Македонија оваа година ќе ги отвори преговорите за членство во ЕУ

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји и понатаму верува дека е можно оваа година Македонија да ги отвори претпристапните преговорите со ЕУ. Неодамнешната блокада од Бугарија за преговарачката рамка за Македонија, тој не ја смета за вето.

„Јас тоа не го нарекувам вето. Повеќе сметам дека работата и понатаму е во тек. Работиме со нашите бугарски колеги за да се обидеме да пронајдеме решение. Мислам дека е можен договор за да можеме да организираме прва меѓувладина конференција веќе оваа година“, изјави еврокомесарот пред Комитетот за надворешна политика на Европскиот Парламент.

На министерскиот комитет кој се одржа на 17 ноември требаше да се усвои преговарачката рамка за Северна Македонија, за да може во декември да започне процесот на преговори за членство. Но Бугарија ја блокираше рамката.

Германскиот државен секретар за Европа, Михаел Рот, чија земја претседава со ЕУ, потврди дека Бугарија го блокира усвојувањето на рамката за преговори за Северна Македонија, и дека работите не може да тргнат напред додека не се постигне согласност од сите членки на ЕУ.
Македонија е земја кандидат од 2005, а од 2009 чека на отворање на преговорите за членство.