САД одобрија повторно да лета Боинг 737 Макс

Боинг 737 Макс.

САД денеска одобрија повторно да лета Боинг 737 (Макс), по две години откако овие авиони беа приземјени по две несреќи во период од пет месеци, во кои загинаа 346 луѓе.

Американската Сојузна агенција за авијација (ФАА), која е воздухопловно регулаторно тело во САД, во соопштение наведе дека одобрението е дадено по „сеопфатен и методолошки“ процес на истражување од 20 месеци.

Повеќе модификации треба да бидат спроведени на авионите пред повторно да можат да летаат.

ФАА наведе дека исто така дополнително треба да ја одобри потребната обука за пилоти, пред да можат повторно да започнат со летање на авионите Боинг 737 Макс над американското небо.

Компаниите исто така треба да спроведат редовни одржувања на авионите, кои се приземјени на аеродромите повеќе од 20 месеци.

Авионите Боинг 737 Макс се приземјени ширум светот од март 2019 година, после несреќата на авионот на „Етиопија Ерлајнс.“

Несреќата се случи за помалку од пет месеци од несреќата на другиот авион Макс на индонезиската компанија „Лајон Ер.“

Вкупно 346 патници и членови на екипажот загинаа во двете несреќи.