Влада: Нема потреба од лидерска, нашите позиции се јасни

Илустрација -Влада на Република Северна Македонија

Владата има јасна определба, дава шанса на процесот и работи на тоа да дојде до усогласување на ставовите според јасно утврдени македонски национални позиции и согласно стратешките евроинтеграциски цели на земјава, изјави денеска владиниот портпарол Душко Арсовски по официјалното бугарско вето за првата меѓувладина конференција.

„Се работи заедно со нашите меѓународни сојузници. Посебно сме благодарни како Влада на зајакнатиот ангажман на германското претседателство со ЕУ. Токму во вакви моменти на предизвик треба да се покажат европски вредности, дијалог наместо конфликт, смиреност и подготвеност за соработка наместо национализам за домашна употреба и нови изолации“, рече Арсовски.

Тој потенцираше дека македонскиот национален идентитет едноставно е невозможно да биде предмет на преговори.

По вчерашното вето од Бугарија, опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара оставки од премиерот Зоран Заев и од вицепремиерот Никола Димитров, а веќе извесен период бара лидерска средба за, како што велат од партијата, утврдување на македонските црвени линии во оваа ситуација со Бугарија.

Владиниот портпарол Арсовски на денешната прес-конференција по бугарското вето рече дека засега нема размислување, ниту иницијатива за повлекување на членовите на Комисијата за историски прашања и дека нема информација за евентуална средба меѓу премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов.