Ковид, Трамп, Орбан, Ѕинго...

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство денеска соопшти дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 43 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 433 лица сомнителни и потврдени за Ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град на Македонија.

САД - За време на состанокот во Овалната соба, на 12 ноември, Трамп прашал неколку од неговите први соработници, меѓу кои и потпретседателот Мајк Пенс, државниот секретар Мајк Помпео и шефот на Генералниот штаб, генерал Марк Мили, дали има опции да преземе акција против главната иранска нуклеарна локација во следните недели, објави Њујорк тајмс.

ГРЦИЈА - Вооружените сили на Германија, Соединетите Држави, Холандија и Грција започнаа воена вежба со системите за ПВО Патриот на грчкиот остров Крит, чија цел е одбрана на источното крило на НАТО.

АВСТРИЈА - Во Австрија од денеска е воведена национална блокада во обид да се стави под контрола растот на заразени со коронавирус. Затворени се несуштинските продавници, а досегашниот полициски час од 20 часот до 6 часот наутро е проширен на цел ден, со специфични исклучоци како што се купување на најважни работи или вежбање. Луѓето треба да работат од дома каде што тоа е можно. Заклучувањето треба да трае до 6 декември.

САД - Избраниот претседател Џо Бајден предупреди дека бројот на жртви во САД од коронавирусот ќе се зголеми доколку претседателот Доналд Трамп не сподели информации со новата администрација пред денот на инаугурацијата на 20 јануари.

ПОЛСКА / УНГАРИЈА - Унгарија и Полска го блокираа усвојувањето на седумгодишниот буџет на ЕУ и планот за закрепнување од пандемијата на вирусот корона, поради новиот механизам што ги ускратува фондовите на ЕУ на земјите чии влади ги нарушуваат демократските стандарди и владеењето на правото.

МАКЕДОНИЈА - Во 84-тата година од животот почина Љубисав Иванов - Ѕинго, долгогодишен политичар, пратеник, лидер на Социјалистичката партија, спортски работник и долгогодишен претседател на Фудбалскиот сојуз на Македонија и почесен претседател на Фудбалската федерација.