Унгарија и Полска го блокираа усвојувањето на буџетот на ЕУ

Полскиот премиер Матеуш Моравиецки (Л) и унгарскиот премиер Виктор Орбан, Брисел, 24 септември 2020 година

Унгарија и Полска го блокираа усвојувањето на седумгодишниот буџет на ЕУ и планот за закрепнување од пандемијата на вирусот корона, поради новиот механизам што ги ускратува фондовите на ЕУ на земјите чии влади ги нарушуваат демократските стандарди и владеењето на правото. На состанокот на претставниците на земјите членки на Унијата, десничарските влади на Унгарија и Полска ставија вето на таканаречениот „пакет“ за закрепнување. Портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач на Твитер потврди дека Будимпешта стави вето на буџетот на Унијата. „Унгарија, како што предупреди премиерот Виктор Орбан, стави вето на буџетот, бидејќи не можеме да го поддржиме проектот во сегашната форма, што ја поврзува проценката на владеењето на правото со буџетските одлуки“, рече Ковач.

ЕК загрижена за правдата во Унгарија

Буџетот од 1.800 милијарди евра, за периодот од 2021 до 2027 година, беше договорен минатата недела, по неколку месеци тешки преговори, од претставниците на 27-те земји-членки на ЕУ и Европскиот парламент. За усвојување на буџетот, кој вклучува „пакет“ од 750 милијарди евра за закрепнување од пандемијата, потребна е согласност од сите членки на Унијата.