Санду вети рамнотежа во релациите со Западот и Русија

Прозападната победничка на изборите во Молдавија Маја Санду

Прозападната победничка на изборите во Молдавија Маја Санду вети дека ќе ги балансира врските помеѓу Западот и Русија, а воедно таа најави и справување со корупцијата и привлекување инвестиции во една од најсиромашните европски земји.

Маја Санду, поранешен економист на Светска банка, убедливо го победи прорускиот актуелен претседател Игор Додон на гласањето за втор круг на 15 ноември, покажаа прелиминарните резултати.

За нов претседател на Молдавија е избрана прозападната екс премиерка Санду

Гласањето се сметаше за референдум за тоа дали поранешната советска република која се наоѓа меѓу Украина и Романија треба да се приближи кон ЕУ или кон Москва.

Зборувајќи пред новинарите денеска, Санду рече дека ќе обезбеди „вистинска рамнотежа“ во надворешната политика помеѓу Западот и Русија.

Санду рече дека нејзината администрација ќе се фокусира на борба против ендемската корупција и привлекување инвестиции за зајакнување на економијата. „Секој треба да види подобрување. Тоа ги вклучува и луѓето кои гласаа за мојот противник. Јас ви велам: вие не изгубивте, тука нема победници или губитници. Ќе ја освојам довербата со конкретни активности “, рече таа.

Иако постоеја загрижености во врска со нестабилноста по изборите, Додон брзо го призна поразот. Рускиот претседател Владимир Путин, кој отворено го поддржа Додон, и честиташе на Санду за изборната победа. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и ја честиташе победата на Санду и вети поголема соработка.