Во ковид центрите во Скопје за 24 часа примени 41 пациент, оздравени 35

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализирани се 41 нов пациент поради компликации од корона вирусот. Пријавени се 35 оздравени пациенти кои се пуштени дома. Вкупно 393 болни, сомнителни и потврдени за ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти Министерството за здравство.

На Кожната клиника во ковид центарот во моментов се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 34 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 53 пациенти сомнителни и позитивни на КОВИД 19. Во ГОБ 8 септември има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 163 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 41 пациент, од кои се 12 деца и 28 возрасни.
Вкупно 393 пациенти потврдени и сомнителни за ковид- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.

И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, слободни места во моментов има доволно во ковид центрите на интерните клиники, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравени пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември. Се очекува да започнат со работа и новите ковид центри на Клиниката за Нефрологија и на Клиниката за гастроентерохепатологија, соопштуваат од МЗ.