Најмалку седум припадници на меѓународните мировни сили на египетскиот полуостров Синај денеска загинаа во пад на хеликоптер, потврдија претставници на Египет и на Израел. Двете страни соопштија дека леталото паднало поради техничка неисправност и оти нема знаци дека било нападнато, пренесува Асошиејтед прес.
Загинатите, меѓу кои петмина Американци и по еден Французин и Чех, биле членови на меѓународните сили кои го надгледуваат спроведувањето на мировниот договор меѓу Израел и Египет. Еден преживеан е пренесен во болница во Израел.
Израел, заедно со Египет и САД, е еден од основачите на таа независна мисија, која не е поврзана со ОН.
Со израелско-египетскиот мировен договор од 1979 предвидена е демилитаризација на Синај, каде што Мултинационалните сили и набљудувачи се наоѓаат од почетокот на 80-тите години од минатиот век.
Над 1100 војници од 13 различни земји, а најмногу од САД, се распоредени на Синај, каде што делуваат разни вооружени групи, меѓу кои и локален огранок на Исламската држава.